Не сум анархист, ниту комунист или револуционер. Работам во корпорација, 40 саата неделно во канцеларија, верувам во демократија и правна држава, плаќам данок и мислам дека капитализмот е колку толку ок економски систем.
Мартин Нешковски и Игор Спасов не ги познавам, и приказната за нив да беше „Пијаниот Мартин влетал во препирка со Игор, по што настанала тепачка, во која Мартин се здобил со фатални повреди, а Игор е приведен од полицајците…“ или пак подобрата верзија „… полицијата ја спречила тепачката на двајца на плоштадот“ - нема да ми беше ич гајле.
Но вистинската приказна е дека Игор Спасов бил полицаец во цивилно (специјална единица Тигри). Откога го усмртил Мартин, заедно со негови колеги го одвлечкале телото на друго место. Им пристапиле униформирани полицајци кои не превземале ништо. Следниот ден, министерството за внатрешни објавува:» Очевидци на настанот за полицијата изјавиле дека неколку минути пред полноќ, на плоштадот Македонија, каде што се одржувала културната манифестација "Баскер фест" на непознатото момче му се слошило «и дека» првично било констатирано дека на телото на починатото момче немало видливи траги на насилство «
Е ЗАТОА ПРОТЕСТИРАМ!
Денес знаеме дека мртвото момче било претепано, му бил скршен носот, тоа го виделе и униформираните полицајци и колегите на Игор - но и други луѓе кои биле на плоштадот. А МВР молчеше!
Во тој момент, моментот кога се обидуваат да прикријат дека имало убиство, МВР станува соучесник на убиството! Тоа е моментот кога се руши секаква доверба во системот.
Е ЗАТОА ПРОТЕСТИРАМ!
Протестирам за да се воведе ред и контрола врз МВР. Протестирам за да се врати довербата во полицајците. Протестирам за да нема веќе страв.
Ова не е прв пат средбите со полицијата да завршат трагично, а случајот да се заташка. Кога никој не бара одговорност за овие настани, дел од полицајците ќе помислат дека се богови, дека се над законите и дека можат да прават што сакаат. За нив не е важен животот на некое дете, тие може да претепаат, да прегазат, да убијат било кого и да си продолжат со нормален живот.
Но тоа не е полиција, тоа е башибозук, војска без водач, без морал, без одговорност. Безумна банда на која ако и дозволиме да опстане во државава ќе премине во тиранија - граѓаните ќе им робуваат на силеџиите.
Протестирам за да не се повтори!
Во понеделникот, министерката за внатрешни работи веќе имаше доволно индикации дека информациите кои ги добива и фактичките состојби не се поклопуваат. Под сомнение дека припадници на МВР се соучесници на убиство, а случајот се заташкува, тоа е моментот кога таа требаше да ги насочи сите свои напори кон целосно расветлување на случајот. Наместо тоа, таа одбра да се препуцава со партиите од опозицијата, како да не е министер за сите граѓани, туку е партиски мегафон. Тоа е моментот кога министерката ја губи секоја доверба. Тоа е моментот од кога од неа се бара одговорност и оставка.
И залудни се повиците на Иво Котевски, потпарол на МВР, очевидците да се пријават во полиција. АЛО Иво! Полицајци извршуваат убиство, го прикриваат, униформираните полицајци молчат од страв за случката, а ти бараш некој обичен граѓанин да оди во полиција да каже дека се видел!?? Дали си ти нормален? Или луд? НЕМА ДОВЕРБА ВО ПОЛИЦИЈАТА ПА ЗА НЕКОЈ ГРАЃАНИН САМ ДА СЕ ПРИЈАВИ ДА ГО УБИЈАТ!
Е ЗАТОА ПРОТЕСТИРАМ!
за подобро утре
Tkstov e prevzemen od sledniot link:
I eve ushte eden link kade moze da se vidi i prochita deka ova ne e prv sluchaj, isto prevzemeno od pogore navedeniot link :